Македонија петта земја во светот со национален кириличен домен (.мкд)

Со воспоставувањето на националниот кириличен домен (.мкд) во меѓународниот интернет простор, направен е еден чекор напред во зацврстувањето на македонскиот јазик и писмо, што претставува само продолжување на големите дела на Македонците низ минатото.

Ова го рече министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, на денешното претставување на кириличниот домен кое се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков„ во Скопје. Заедно со директорот на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет, Сашо Димитријоски и директорот на Институтот, Гоце Цветановски, министерот Ивановски претстави и повеќе примери на национални домени кои ги содржат кириличните букви карактеристични за македонската азбука.

 „Со националниот домен (.мкд) ќе можат да се регистрираат веб страници на кирилично писмо кои што до сега не можевме, односно ќе бидат опфатени карактеристични букви од нашата азбука како што се Љ, Њ, Ѓ, Ж, Ч, Ш, Џ. Такви примери се Ченто.мкд, Чаир.мкд, ЃорчеПетров.мкд, Љубаништа.мкд, маџармаало.мкд, коњаник.мкд, Живојно.мкд, Жабени.мкд и голем број други примери.„- рече министерот Ивановски.

 Тој додаде дека ќе се креираат повеќе македонски содржини на кирилично писмо, фактор којшто го следат многу глобални институции за развојот на информатичкото општество.

 „Ова претставува и голем чекор напред во битката на Македонија и на македонскиот народ да се избориме со наметнатите неправди од страна на дел од нашите соседи кои континуирано го игнорираат, омаловажуваат и непризнаваат постоењето на македонскиот јазик. Големо достигнување е за нас што успеавме да извојуваме уште една и правна и политичка битка на меѓународен план, но за тоа требаше многу трпение, многу лобирање, напорна работа од страна на сите субјекти вклучени во овој процес.„- додаде Ивановски.

 Инаку, после Русија, Србија, Казахстан и Монголија, Македонија ќе биде петтата земја во светот која ќе има кирилична верзија на национален домен.

 Од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков„ изразија благодарност до македонската Влада и до Министерството за информатичко општество и администрација, за покажаната грижа околу заштитата на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, како најсуштествени атрибути на македонскиот национален идентитет.

 Директорот на МАРнет, Сашо Димитријоски се осврна на техничкиот процес околу регистрацијата на македонскиот национален кириличен домен, додавајќи дека тој беше ставен во официјалното барање на Република Македонија, поднесено до Интернет корпорацијата за доделување на имиња и броеви (ICANN). Се очекува организацијата ИАНА, која е под надлежност на Националната ИТ Агенција на САД, што поскоро да го внесе .мкд доменот во системот.

 Министерот Ивановски упати благодарност до граѓаните на Република Македонија, кои со гласање преку анкета го избраа доменот (.мкд), како и до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков„, до МАРНЕТ, голем број невладини организации и академскиот сектор и до претставникот на ICANN, Вени Марковски, како збир од чинители кои што активно беа вклучени во целиот процес