ОДЛУКА за избор на 1(еден) извршител- по пат на интерен оглас 01/2020

Врз основа на член 51 и член 52 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16 и 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 275/19 и 14/20) и конечна ранг листа на кандидати од сите фази на селекција, в.д Директорот на Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет донесе
О Д Л У К А
за избор на 1(еден) извршител- по пат на интерен оглас 01/2020

1. За извршител на работно место Советник за нормативно правни работи, Сектор за општи и правни работи, Одделение за правни работи и соработка со институции од јавниот сектор, категорија В, ниво В1, шифра на работно место УПР0101В01000, во МАРнет, по пат на интерен оглас 01/2020 се избира Александра Крстевска.
2. Изборот е извршен врз основа на финална ранг листа и предлог одлука за избор на прворангираниот кандидат по интерен оглас број 01/2020 со архивски бр 04-779/1 од 25.12.2020 година.
3. Именуваниот ќе биде унапреден на работното место од точка 1 по конечноста на оваа одлука.
4. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето.
Образложение
По објавениот интерен оглас број 01/2020 од 14.12.2020 година на веб страницата на институцијата и на Агенцијата за администрација, Комисијата за селекција за унапредување по интерен оглас формирана од страна на в.д директорот на МАРнет со Решение број 02-763/1 од 18.12.2020 година, во функција на спроведување на постапката за унапредување на административен службеник за извршување на работите од точка 1 на оваа одлука, спроведе административна селекција за административните службеници Записник број 04-778/1 од 25.12.2020 година. По спроведената административна селекција со уредните кандидати се спроведе интервју, за што е составен Записник од спроведено интервју со финална ранг-листа на интервјуирани кандидати и предлог одлука за избор на прворангираниот кандидат бр 04-779/1 од 25.12.2020 година.
По завршување на постапката за избор, раководното лице на институцијата носи решение за унапредување.
ПРАВНА ПОУКА: Против оваа одлука незадоволниот кандидат има право на жалба до Агенцијата за администрација во рок од 8(осум) дена од денот на објавувањето на Одлуката на веб страницата на институцијата.
в.д Директор
м-р Александар Попоски

ИНТЕРЕН ОГЛАС БРОЈ 1/2020

Врз основа на член 48 став 4 од Законот за административни службеници („Службен весник на РМ“ број 27/14, 199/14, 48/15,154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 275/19 и 14/20), член 2 од Правилникот за формата и содржината на интерниот оглас, начинот на поднесување на пријавата за унапредување, начинот на спроведување на административната селекција и интервјуто, како и начинот на нивно бодирање и максималниот број на бодови од постапката за селекција, во зависност од категоријта на работно место за кое е објавен интерниот оглас („Службен весник на Република Македонија“ број 11/15 и 35/18) и Правилникот за систематизација на работните места во Национална академска истражувачка мрежа МАРнет број 285/1-04 од 09.04.2019 година, в.д директорот на Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет објавува
ИНТЕРЕН ОГЛАС БРОЈ 1/2020
ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ ВО МАРнет

Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет објвува интерен оглас за унапредување на 1 административен службеник на следново работно место:
I УПР0101В01000, Ниво В1, Советник за нормативно правни работи, Сектор за општи и правни работи, Одделение за правни работи и соработка со институции во јавниот сектор- 1 (еден) извршител

Посебни услови за работното место:
а) Стручни квалификации: ниво на квалификациите VI A според Македонската рамка на квалификации и стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, Правни науки
б) Работно искуство најмалку три години работно искуство во струката

Општи работни компетенции:
– учење и развој
– комуникација
– остварување резултати
– работење со други/тимска работа
– ориентираност кон странките/засегнати страни
– Финансиско управување
Посебни работни компетенции
– активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски,германски)
– активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење
Распоред на работно време
– Работни денови понеделник – петок
– Работни часови неделно 40
– Работно време: од 7:30 до 8:30 часот доаѓање и од 15:30 до16:30 часот заминување
Паричен нето износ на плата 26.253,00 денари
Кандидатите кои аплцираат треба да ги исполнуваат следните општи услови:
• Да е државјанин на Република Македонија;
• Активно да го користи македонскиот јазик;
• Да е полнолетен;
• Да има општа здравствена способност за работното место;
• Со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност;
• Да е оценет со оценка „А“ или „Б“ при последното оценување на кое бил оценуван
• Да е на работно место на непосредно пониско ниво од работното место за кое е објавен интерниот оглас или да е на работно место во рамки на истата категорија во која е работното место за кое е објавен интерниот оглас;
• Да поминал најмалку две години на исто ниво и
• Да не му е изречене дисциплинска мрека во последната година пред објаввањето на интерниот оглас.

Заинтересираните административни службеници поднесуваат писмено пополнета пријава и докази за податоците содржани во пријавата, преку Архивата на МАРнет до организационата единица за управување со човечки ресурси, како и на службената електронска адреса на организационата единица за управување со човечки ресурси, најдоцна во рок од 5(пет) дена од денот на објавување на огласот.
Во пријавата кандидатите должни се под материјална и кривична одговорност да потврдат дека податоците во пријавата се точни, а доставените докази се верни на оригиналот.
Кандидатот кој внел лажни податоци во пријавата се дисквалификува од натамошна постапка.

Потребната документација да се достви во затворен коверт на следнава адреса:
Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет
Бул Партизански одреди број 17, 100 Скопје
(со назнака„интерен оглас за унапредување“)

в.д Директор
М-р Александар Попоски

Одржано CNMS 2016 во Прага

Двајца претставници на МАРнет оваа година учествуваа на работилницата за мониторинг и безбедност на кампус мрежи. Настанот беше организиран од страна на CESNET која е членка на GN4 (GÉANT) проектот и истиот беше поделен на два независни делови. Првиот дел се одржа на 25.04.2016 година и таму се разговараше за најдобрите практични искуства, а своја презентација имаше и претставник на Универзитетот св. Кирил и Методиј од Скопје. Во вториот дел одржан на 26.04.2016 беше практичен курс за алатки за анализа на безбедност на сообраќај. Повеќе информации за овој настан ќе најдете на следниот линк.

Средба на МАРнет со регистрарите

Денес се одржа закажаната средба од страна на МАРнет со регистрарите за .mk и мкд. домени. Беа присутни 15 претставници од 11 различни регистрари како и неколку претставници на МАРнет. На оваа средба се дискутираше за досегашната соработка и можностите за подобрување и продлабочување на истата. Како главна тема беа презентирани новостите во МАРнет, статистички податоци од изминатиот период од почетокот на пререгистрацијата до денес. Исто така беа одговорени сите прашања кои беа поставени од страна на регистрарите во текот на изминатиот период, а самата средба заврши со дискусија за актуелните проблеми и прашања на кои наидуваат. Дел од статистиката која беше прикажана, можете да ја погледнете на следниот линк до статистика.

ДИДС и РИФ 2016 во Белград

Оваа година по 6ти пат беше обележан денот на интернет домените во Србија (ДИДС 2016). На овој настан присуствуваа повеќе од 370 посетители и преку 1300 онлајн гледачи. Главните теми кои беа дискутирани на панелите беа поврзани со управувањето на Интернет, трендовите на безбедност, како и презентација на домашни успешни интернет страници и онлајн проекти.
Како продолжување на ДИДС беше одржан Регионалниот интернет Форум (РИФ 2016) на кој беа изнесени главните настани од регионот. Во првиот дел од овој Форум, МАРнет презентираше за кириличниот домен .мкд. Потоа следуваше дел кој беше наменет за правниците, по што Форумот беше затворен со темата безбедноста на интернет во поглед на образованието и подигање на свеста на корисниците.
Повеќе информации можете да најдете на следниот линк http://dids.rs/sr/zavrsna-naslovna/

МАРнет стана членка на CENTR

Во периодот од 16-17.02.2016 во Будва, Црна Гора се одржа Генерално собрание на членките на Советот на Европски Регистрари на национални врвни домени (CENTR). На овој собир МАРнет испрати свои претставници кои го презентираа системот за менаџирање на домени на МАРнет и обезбедија членство во истоимената организација која ги отвори вратите за соработка и споделување на податоци кои се од исклучителна важност за напредокот на целокупната интернет заедница. Повеќе информации можете да добиете на официјалната страница на CENTR и на следниот линк:
https://centr.org/news/ga55/02-19-2016/4726/centr-welcomes-marnet-mk-its-community?utm_content=bufferc1123&utm_medium=social&utm_source=facebook.com&utm_campaign=buffer

5 ти роденден на МАРнет

Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет денес го обележува својот 5ти роденден. За овие години постоење МАРнет го реформираше системот за регистрација на национални домени кој овозможи целосна либерализација  и се воведоа регистрари, преку кои се овозможи и онлајн регистрација на .mk домени. Исто така беше воведен кириличниот .мкд домен кој обележи една година постоење.

Во овој период МАРнет објави нов Правилник за организацијата и управувањето со врвните .mk и .мкд домен, а од неодамна беше укината арбитражната постапка која се водеше во МАРнет.

Во текот на овие 5 години работење МАРнет стана членка на повеќе меѓународни организации како што се RIPE и CENTR, учествуваше на многу меѓународни собири, а исто така потпиша и значајни  меморандуми за меѓусебна соработка со институции од областа на информатичката технологија.

Околу десетина лица беа ангажирани како волонтери и овде го стекнаа своето прво професионално искуство, беа спроведени повеќе јавни набавки за формирање на инфраструктурата за академската мрежа, како и македонската точка за размена на интернет сообраќај MatrIX.

С О О П Ш Т Е Н И Е

МАРнет најостро ги демантира тврдењата на дополнителниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација господинот Александар Кирацовски изнесени на вчерашната прес конференција.
МАРнет веќе пет години функционира како самостојна јавна установа без ниту една дамка на своето работење и претставува лидер во регионот за електронска односно online регистрација на национален домен.

Според европските директиви за либерализација на пазарот на национални домени, од 1 Април 2014 година согласно Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски .МК домен и врвниот македонски .МКД домен, МАРнет НЕ ВРШИ РЕГИСТРАЦИЈА НА ДОМЕНИ, а правото за регистрација на домени МАРнет го пренесе на приватни регистрари. Меѓусебните права и обврски на МАРнет и регистрарите се регулирани односно утврдени со договор.

Регистрарите имаат целосно овластување самостојно да извршат регистрација на домен кој што е слободен во моментот на регистрација односно не е зафатен. Регистрацијата на домените Регистрарите ја вршат без претходно одобрување од страна на МАРнет односно МАРнет нема никаков пристап при самиот процес на регистрација на домен кој што го врши Регистрарот, а аналогно на тоа не може да даде ниту пак дава какво било одобрување за регистрацијата на одреден домен.

Господинот Кирацовски обвинува дека МАРнет овозможил кражба што претставува сериозна клевета врз институцијата. Во функција на дополнителен заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација господинот Кирацовски е должен да биде целосно запознаен со начинот на работа и функционирање на МАРнет и процесот на регистрација на домен пред да изнесе невистинити тврдења кои го нарушуваат угледот на институцијата.

Ја известуваме јавноста дека во случај на каков било проблем во врска со регистрација на .mk домен треба да се обратат кај Регистрарот кој е одговорен за регистрацијата на доменот, затоа што како што кажавме на почетокот на ова Соопштение МАРнет од 1 Април 2014 година НЕ РЕГИСТРИРА .МК ДОМЕНИ.

Со почит,

Македонска академска истражувачка мрежа
МАРнет

93ти IETF собир во Прага

Во перидот од 19 до 24 јули 2015, во Прага ќе се одржи 93тиот IETF (Internet Engineering Task Force) собир. За овој петдневен настан се пријавени над илјада гости, а објавената агенда опфаќа многу разновидни теми од информатичката област како што се рутирачките протоколи, ДНС, менаџмент и безбедност на мрежите и многу други. Домаќин на настанот ќе биде и чешкиот регистрар на домени http://www.nic.cz/, со коj МАРнет соработува. Во продолжение линк кон интернет страницата на која се објавени повеќе детали за настанот.

http://www.ietf.org/meeting/93/index.html

SEEDIG и EuroDIG во Софија

На 03.06.2015 година, еден ден пред одржувањето на EuroDIG, за прв пат се одржа SEEDIG (South Eastern European Dialogue on Internet Governance). МАРнет активно учествуваше на настанот споделувајќи го своето искуство за IDN ccTLD .мкд. Идејата за организација на ваков тип на дијалог во рамките на Европскиот настан беше поддржана и од МАРнет којa беше дел од организацискиот комитет.

http://eurodigwiki.org/wiki/South_Eastern_European_Dialogue_(SEEDIG)

Од 04-05 јуни 2015 се одржа EuroDIG. Главните точки за кои се разговараше беа од областа на јавната политика во врска со клучните елементи на управување со интернет, со цел да се поттикне одржливоста, стабилноста, безбедноста и развојот на интернетот. На овој настан учествуваше и претставник на МАРнет.
Повеќе информации на следниот линкот подолу.

http://www.eurodig.org/eurodig-2015/