ДИДС и РИФ 2016 во Белград

Оваа година по 6ти пат беше обележан денот на интернет домените во Србија (ДИДС 2016). На овој настан присуствуваа повеќе од 370 посетители и преку 1300 онлајн гледачи. Главните теми кои беа дискутирани на панелите беа поврзани со управувањето на Интернет, трендовите на безбедност, како и презентација на домашни успешни интернет страници и онлајн проекти.
Како продолжување на ДИДС беше одржан Регионалниот интернет Форум (РИФ 2016) на кој беа изнесени главните настани од регионот. Во првиот дел од овој Форум, МАРнет презентираше за кириличниот домен .мкд. Потоа следуваше дел кој беше наменет за правниците, по што Форумот беше затворен со темата безбедноста на интернет во поглед на образованието и подигање на свеста на корисниците.
Повеќе информации можете да најдете на следниот линк https://dids.rs/sr/zavrsna-naslovna/

МАРнет стана членка на CENTR

Во периодот од 16-17.02.2016 во Будва, Црна Гора се одржа Генерално собрание на членките на Советот на Европски Регистрари на национални врвни домени (CENTR). На овој собир МАРнет испрати свои претставници кои го презентираа системот за менаџирање на домени на МАРнет и обезбедија членство во истоимената организација која ги отвори вратите за соработка и споделување на податоци кои се од исклучителна важност за напредокот на целокупната интернет заедница. Повеќе информации можете да добиете на официјалната страница на CENTR и на следниот линк:
https://centr.org/news/ga55/02-19-2016/4726/centr-welcomes-marnet-mk-its-community?utm_content=bufferc1123&utm_medium=social&utm_source=facebook.com&utm_campaign=buffer

5 ти роденден на МАРнет

Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет денес го обележува својот 5ти роденден. За овие години постоење МАРнет го реформираше системот за регистрација на национални домени кој овозможи целосна либерализација  и се воведоа регистрари, преку кои се овозможи и онлајн регистрација на .mk домени. Исто така беше воведен кириличниот .мкд домен кој обележи една година постоење.

Во овој период МАРнет објави нов Правилник за организацијата и управувањето со врвните .mk и .мкд домен, а од неодамна беше укината арбитражната постапка која се водеше во МАРнет.

Во текот на овие 5 години работење МАРнет стана членка на повеќе меѓународни организации како што се RIPE и CENTR, учествуваше на многу меѓународни собири, а исто така потпиша и значајни  меморандуми за меѓусебна соработка со институции од областа на информатичката технологија.

Околу десетина лица беа ангажирани како волонтери и овде го стекнаа своето прво професионално искуство, беа спроведени повеќе јавни набавки за формирање на инфраструктурата за академската мрежа, како и македонската точка за размена на интернет сообраќај MatrIX.

С О О П Ш Т Е Н И Е

МАРнет најостро ги демантира тврдењата на дополнителниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација господинот Александар Кирацовски изнесени на вчерашната прес конференција.
МАРнет веќе пет години функционира како самостојна јавна установа без ниту една дамка на своето работење и претставува лидер во регионот за електронска односно online регистрација на национален домен.

Според европските директиви за либерализација на пазарот на национални домени, од 1 Април 2014 година согласно Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски .МК домен и врвниот македонски .МКД домен, МАРнет НЕ ВРШИ РЕГИСТРАЦИЈА НА ДОМЕНИ, а правото за регистрација на домени МАРнет го пренесе на приватни регистрари. Меѓусебните права и обврски на МАРнет и регистрарите се регулирани односно утврдени со договор.

Регистрарите имаат целосно овластување самостојно да извршат регистрација на домен кој што е слободен во моментот на регистрација односно не е зафатен. Регистрацијата на домените Регистрарите ја вршат без претходно одобрување од страна на МАРнет односно МАРнет нема никаков пристап при самиот процес на регистрација на домен кој што го врши Регистрарот, а аналогно на тоа не може да даде ниту пак дава какво било одобрување за регистрацијата на одреден домен.

Господинот Кирацовски обвинува дека МАРнет овозможил кражба што претставува сериозна клевета врз институцијата. Во функција на дополнителен заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација господинот Кирацовски е должен да биде целосно запознаен со начинот на работа и функционирање на МАРнет и процесот на регистрација на домен пред да изнесе невистинити тврдења кои го нарушуваат угледот на институцијата.

Ја известуваме јавноста дека во случај на каков било проблем во врска со регистрација на .mk домен треба да се обратат кај Регистрарот кој е одговорен за регистрацијата на доменот, затоа што како што кажавме на почетокот на ова Соопштение МАРнет од 1 Април 2014 година НЕ РЕГИСТРИРА .МК ДОМЕНИ.

Со почит,

Македонска академска истражувачка мрежа
МАРнет

93ти IETF собир во Прага

Во перидот од 19 до 24 јули 2015, во Прага ќе се одржи 93тиот IETF (Internet Engineering Task Force) собир. За овој петдневен настан се пријавени над илјада гости, а објавената агенда опфаќа многу разновидни теми од информатичката област како што се рутирачките протоколи, ДНС, менаџмент и безбедност на мрежите и многу други. Домаќин на настанот ќе биде и чешкиот регистрар на домени https://www.nic.cz/, со коj МАРнет соработува. Во продолжение линк кон интернет страницата на која се објавени повеќе детали за настанот.

https://www.ietf.org/meeting/93/index.html

SEEDIG и EuroDIG во Софија

На 03.06.2015 година, еден ден пред одржувањето на EuroDIG, за прв пат се одржа SEEDIG (South Eastern European Dialogue on Internet Governance). МАРнет активно учествуваше на настанот споделувајќи го своето искуство за IDN ccTLD .мкд. Идејата за организација на ваков тип на дијалог во рамките на Европскиот настан беше поддржана и од МАРнет којa беше дел од организацискиот комитет.

https://eurodigwiki.org/wiki/South_Eastern_European_Dialogue_(SEEDIG)

Од 04-05 јуни 2015 се одржа EuroDIG. Главните точки за кои се разговараше беа од областа на јавната политика во врска со клучните елементи на управување со интернет, со цел да се поттикне одржливоста, стабилноста, безбедноста и развојот на интернетот. На овој настан учествуваше и претставник на МАРнет.
Повеќе информации на следниот линкот подолу.

https://www.eurodig.org/eurodig-2015/

Одржана конференцијата CIIT 2015

Во рамки на проектот GEANT GN3+ кој за Р. Македонија го води МАРнет на 23.04.2015 се одржа работилницата Campus Best Practice. Таа беше организирана во склоп на годишната конференција на ФИНКИ CIIT 2015 кој традиционално секоја година се одржува во Молика. Овој настан најмногу е наменет за членовите и раководителите на мрежните оперативни центри на универзитетите во Македонија.
На следниот линк дознајте повеќе за конференцијата https://ciit.finki.ukim.mk/

CIRT Работилница 2015

Во организација на European Commission Enhancing Cyber Security Project и во соработка со Агенцијата за електронски комуникации  АЕК во периодот од 04-05 мај 2015 година, беше одржана CIRT работилницата на која МАРнет имаше свој претставник.

На следниот линк може да ги видите подеталните информации за оваа работилница.

https://www.aek.mk/mk/za-nas/nastani/cirt-2015

 

Регионален состанок организиран од RIPE NCC во Белград (SEE4)

По четврти пат од 21-22.04.2015 во југоисточниот дел на Европа, беше организиран регионалниот собир кои им нуди можност на мрежните инженери и друг вид на технички персонал да се запознаат, да се поврзат и да го споделат своето знаење и искуство. На овој собир учествуваат претставници од академските мрежи, образовни институции, владин сектор како и претставници на точките за размена на интернет сообраќај. МАРнет имаше свои претставници на овој настан, како и на сите претходни кои беа организирани во југоисточна Европа.

Повеќе информации можете да прочитате овде:

https://www.ripe.net/participate/meetings/regional-meetings/see-4

Учество на работилницата за „Безбедност на мрежите и мрежните сервиси“

Во периодот од 18 до 20 март 2015 година во Белград,  Академската мрежа на Србија (AMRES) ја организираше работилницата за Безбедност на мрежните и мрежните сервиси која имаше за цел да ги едуцира и да ја збогати праксата кај администраторите на мрежни сервиси.

МАРнет учествуваше на оваа работилница, на која претставниците се стекнаа со теоретско и практично искуство кое несомнено ќе помогне во понатамошниот професионален развој.

На следниот линк можете да прочитате повеќе информации за настанот.

https://cbp.rcub.bg.ac.rs/?page_id=614