Националниот домен (ccTLD) на Република Македонија .mk е присутен во глобалниот интернет простор повеќе од 20 години и претставува важен национален ресурс. Бројот на вкупно регистрирани .mk домени е повеќе од триесет и пет илјади и секојдневно е во пораст.
Во примарниот .mk домен се организирани следниве секундарни домени:
- gov.mk
- еdu.mk
- org.mk
- com.mk
- net.mk
- inf.mk
Кириличниот национален домен (IDNccTLD) .мкд е воведен во 2014 година и има значајна улога во зачувувањето на македонскиот јазик и писмо на интернет. Со ова Република Македонија е петтата земја во светот која има национален кириличен домен и единствена можност за лингвистичка и географска препознатливост во глобалното информатичко општество, вбројувајќи се во редовите на големите светски сили кои исто така го следат овој пример.
Повеќе информации за правилата за регистрирање на национален домен (.mk или .мкд), можете да најдете во Правилникот кој можете да го преземете тука.
Државните органи на Република Македонија, установи и други организации утврдени со Уставот на Република Македонија и закон како и јавни претпријатија и единици на локалната самоуправа и градот Скопје (член 7 од Правилникот) можат да регистрираат нов домен во МАРнет како регистрар. Сите останати физички и правн лица, домашни или странски регистрација на нов домен вршат со посредство на регистрар.
Листата на регистрари можете да ја видите овде.
Потребни документи за регистрација на домен во МАРнет:
- Барање за домен со означена активност Регистрација на доменот.
- Kопија од тековна состојба од Централен регистар на Р.М.
Барањето за домен (со назначена регистрацја на домен) се доставува во Архивата на МАРнет или се испраќа по пошта на адреса:
МАРнет
бул. Партизански одреди бр.17
1000 Скопје
Откако доменот ќе биде регистриран, фактурата за истиот ќе биде генерирана и доставена до регистрантот, во оригинал по пошта. Исто така на барање на регистрантот фактурата може да биде доставена по електронски пат на адреса на електронска пошта на регистрантот.
Промена на податоци за домени кои се регистрирани кај регистрар, треба да се побараат и да се реализираат кај соодветниот регистар. Во Регистарот на МАРнет, можете да проверите каде е регистриран Вашиот домен и кои податоци се запишани за него во нашата база.
За регистриран домен може да се направат следниве промени:
– промена на регистрант на домен (од еден на друг субјект);
– промена на податоци за регистрант ( назив, адреса, телефон итн);
– административен и технички контакт (со назначување на нови овластени лица);
– податоци за администраривен и технички контакт (адреса на електронска пошта или телефон);
– именски опслужувачи (со доставување на информација за најмалку два нови именски опслужувачи);
За промена на регистрант на домен се доставуваат два обрасци Барање за домен, пополнети на следниот начин:
- Барање за домен со означена активност Промена на регистрант на доменот се доставува до Архивата на МАРнет од страна на тековниот регистрант (оној кој ја бара промената).
- Барање за домен со означена активност Регистрација на доменот од новиот регистрант (оној кој понатаму ќе биде регистрант на доменот).
- Kопија од тековна состојба од Централен регистар на Р.М од новиот регистрант.
За било кое друго барање за промена на податоци на домен МАРнет прифаќа:
- По електронски пат од адресата на електронска пошта на овластените лица за доменот.
- Барање за домен со означена активност Промена на податоци за доменот доставено до Архивата на МАРнет од страна на регистрантот.
Домен може да биде избришан на барање на регистрантот на доменот или системот автоматски да го избрише, поради ненавремено продолжување на регистрација на доменот.
1. На барање на регистрантот доменот се брише преку поднесување на Барање за домен, со назначена активност Бришење на доменот, доколку за него се подмирени сите финансиски обврски.
2. Автоматско бришење на доменот се случува кога доменот нема да биде обновен во временскиот рок предвиден за тоа.
Доколку доменот не биде обновен до датумот на кој истекува регистрацијата, влегува во заштитен период од вкупно 120 (сто и дваесет) дена и во тој период не може да се прави измена на податоците за доменот.
Ако доменот не се обнови во првите 60 (шеесет) дена од заштитениот период, доменот се брише од DNS (останува само видлив во Регистарот на МАРнет).
По истекување на вторите 60 (шеесет) дена од заштитениот период, доменот се брише од Регистарот на МАРнет и е слободен за регистрација од стана на било кој заинтересиран субјект.
Домен може да биде избришан и по друг основ, објаснето во Правилникот.
Продолжувањето на регистрацијата на доменот може да биде направена за најмалку 1 година а најмногу 10 години.
Продолжување на регистрација на домен којшто е регистриран кај некој од регистрарите се врши кај соодветниот регистрар. Регистрантот на доменот бара од регистрарот обнова на доменот.
Доколку доменот е регистриран во МАРнет, продолжувањето на регистрацијата на доменот се врши еднаш годишно, најрано 30 дена пред истек на доменот, во МАРнет (со уплата на годишната такса за домен)
Регистрантот може да бара писмено известување за регистриран домен од МАРнет. На писмено барање на регистрантот, МАРнет издава писмено известување-потврда со податоците кои се запишани во Регистарот.Потврдата се издава врз основа на доставено Барање за издавање на потврда и доказ за извршена уплата.
Барањето во оригинал го доставува регистрантот заедно со доказ за извршена уплата.
На следниот линкот подолу можете да видите пример за правилно пополнета уплатница, со што во цел на дознака наведете Издавање на потврда за домеn.
МАРнет го контактира барателот кога потврдата ќе може да се подигне.