Матрикс

Точка за размена на интернет сообраќај

Дефиницијата која Европската асоцијација на точки за размена на интернет сообраќај (European Internet Exchange Association – EURO-IX) вели: „Физичка мрежна инфраструктура која е управувана од еден субјект, со цел да ја поедностави размената на интернет сообраќајот помеѓу автономните системи. Бројот на поврзани автономни системи кои треба да биде најмалку три и притоа треба да постои јасна и отворена политика која овозможува вклучување на други заинтересирани страни.“ Јавна точка за размена на интернет сообраќај – IX (Internet eXchange) во техничка смисла претставува посебна лан мрежа (IX LAN) сместена во сигурносна систем сала која обезбедува размена на интернет сообраќајот помеѓу сите провајдери – членови на IX точката.

Кај нас

По усвојувањето на предлогот за формирање на јавна македонска точка за размена на интернет сообраќај од страна на Владата на Република Македонија, МАРнет изготви акционен план за формирање и изградба на MatrIX во склоп на МАРнет како независна институција. Потребната регулација во областа на електронските комуникации која ја спроведува Агенцијата за електронски комуникации обезбедува услови за развој на конкуренција и понатамошна либерализација, но сепак искуството од развиените земји покажува дека формирање на јавни точки во државата во кои интернет провајдерите меѓусебно ќе се поврзат и ќе го разменуваат интернет сообраќајот – IX (Internet eXchange) е фактор кој обезбедува силен понатамошен развој на интернетот во државата, односно на информатичкото општество.

Придобивки

- Република Македонија ќе се здобие со национална препознатливост на светската интернет мапа на национални јавни точки за пристап и размена на интернет сообраќај.

– Подобро регионално поврзување, зголемување на општата сигурност и доверливост во користењето на интернет, (на пример купување и продавање преку интернет), оптимизација и рационализација на интернет протокот и мрежните ресурси, помало каснење на преносот, сигурност, доверливост, отворање на нови можности и понуда на нови содржини.

– Влез на нови меѓународни интернет провајдери и нивно етаблирање во Република Македонија.

– Развој на ефективна и ефикасна конкуренција на пазарот на понуда на пристап до интернет, значително намалување на вкупните трошоци на постојните интернет провајдерите што ќе резултира со намалување на цените за користење на интернет.

– Појава на нови домашни интернет провајдери специјализирани за одредени услуги и содржини.

– Подобри услови за обезбедување на интернет до неатрактивните економски области во државата (рурални, далечни области итн.).

– Намалување на интернет сообраќајот што транзитира кон меѓународните интернет линкови што дополнително ќе допринесе за намалување на трошоците на домашните провајдери.

– Раст на истражувањето и развојот (R&D) во информатичко-комуникациските технологии.

– Овозможување на дополнителен backup линк за интернет сервис провајдерите.

Отворен повик

Сите заинтересирани правни и физички лица кои сакаат да се приклучат кон MatrIX и да го дадат својот допринос кон оформување на содржајна, функционална и стабилна точка за размена на интернет сообраќај, можат слободно да ги испратат своите предлози и сугестии на нашата официјална адреса на електронска пошта.