Мрежа

Националните академски истражувачки мрежи се многу важен фактор за секоја земја која го негува своето информатичко општество. Тие обезбедуваат сервиси кои имаат за цел да ги исполнат барањата кои ги имаат субјектите пред се од областа на едукацијата и истражувањето.

За да се чекори заедно со останатите земји од Европа па и пошироко, како и за да се разменува искуство преку глобалниот образовен, академски простор, никако не смее да се дозволи информациско маргинализирање.

Во универзитетската ИТ-мрежа, првата интернет конекција во академската сфера, била воспоставена во 1995 година преку VSAT 64Kbps, преку сателитски линк со Виена.

Во 2000 година, старата сателитска врска била заменета со интернационален линк од 512Kbps. Во 2007 година, капацитетот бил зголемен на 68 Mbps, додека денеска е 310 Mbps преку GÈANT. Оваа конекција денеска ја користат преку 60 000 корисници од академските и  истражувачките институции.

Pan-European мрежа – GEANT е податочна мрежа за истражувачката и едукативната заедница. Таа има за цел да ги поврзе европските национални мрежи (NRENs).

Глобално, преку неа се поврзани преку 50 милиони корисници од 10 000 институции од Европа, а преку своите дополнителни конекции GÉANT обединува над 100 нациoнални академски истражувачки мрежи.

Разбирајќи ја оваа пракса, МАРнет има за цел да реализира:

- меѓуповрзување на сите истражувачки, високо-образовни и други образовни институции во нашата земја и интернационално поврзување со брз пристап до Интернет,

- воведување, вреднување и анализа на нови сервиси и најнови мрежни технологии и нивна имплементација,

- партиципација во релевантни меѓународни организации и проекти,

- генерирање и трансфер на знаење,

- партиципација и партнерство во креирање на стратегии за развој на информатичко општество на една земја.

shutterstock_245272216